Во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија, а во соработка со
НУ Музеј – Гевгелија, на 25 декември (понеделник) во 19:00 часот во Галерија Амам во
Гевгелија ќе биде отворена изложбата „НарАРТива 2023“ со слики и скулптури од
современите македонски уметници: Никола Пијанманов, Вангел Срнаков, Владимир
Илиевски, Ване Костуранов, Марија Трајаноска, Мирјана Крстева Массетти, Миле
Ничевски, Тони Попов, Александар Јанев, Дамјан Ѓуров, Елена Ѓурова, Иван Калчев и
Анамарија Митриќеска Калчева.
Од самите прапочетоци на литературата и визуелните уметности може да се
зборува и за нивни интермедијални релации кои по својата природа отсекогаш биле
двонасочни. Не само што низ целокупната историја литературните дела вдахновиле и биле
втемелувачки жар во процесот на создавање на голем број ликовни дела или скулптури,
туку и бројни книжевни дела имаат екфрастичко-експресивен предзнак, а обете уметности
комплементарно се надоврзувале во сеопштата еволуција на уметноста, поединечни
правци или струи.
Изложбата „НарАРТива 2023“ во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“
– Гевгелија, а во соработка со НУ Музеј – Гевгелија се соочува со целта да ја долови
едната од овие две насоки, поаѓајќи од позицијата на естетски и поетички разноликото
творештво на современите македонски визуелни уметници – од дела кои своја подлога
наоѓаат во поедичени наративни или ситуациски нишки од делата или
личностите/ликовите на Е. А. По, Егзипери, Венедикт Ерофеев или В. Шимборска, преку
дела инспирирани од ликот или творештвото на Чернодрински, Рацин и Шопов, до дела
кои посуптилно или поиндиректно одразуваат некакви наративни обрасци и форми.
Изложбата ќе ја отвори директорот на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија,
Стефан Марковски.
По повод изложбата, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија објави и каталог
со застапените дела.