ЈОУ Библиотека "Гоце Делчев"-Гевгелија

Во 1910 година по иницијатива на учителите и учителките од град Гевгелија е формирано градско читалиште кое го носи името “Просвета”. Формирањето на читалиштето било резултат на општествено-економскиот растеж на Гевгелија. 

Имено, местоположбата на градот и комуникациската поврзаност, претставувале важен фактор, уште кој крајот на XIX век да се појават разновидни културни активности. Во почетокот на XX-от век, поточно од 1908-1912 година во градот започнале да се прикажуваат и првите театарски претстави. 

Според пишаните документи, во летото 1908 година по иницијатива на Васил Дудуклиев, тогашен студент по медицина во Бејрут, во Гевгелија била прикажана пиесата “На сила оженување”. Во наредната 1909 година во градот била основана и театарска група, машка и женска, која прикажувала повеќе дела, во специјална сала за театарски изведби, во основното училиште кај црквата “Св.Кирил и Методиј”. 

Театарските изведби се прикажувале на локален говорен јазик. Потребата од книги за театарската група било предуслов за формирање и отварање на првото градско читалиште во 1910 година.

Во периодот меѓу двете светски војни читалиштето работело со неколку прекини. За време на Втората светска војна читалиштето работело повремено и претставувало значајно место за ширење на напредните идеи во градот. 

Со ослободувањето на градот и формирањето на Народно-ослободителниот одбор започнуваат активностите за обновување на читалиштето. Со соопштение на Народно-ослободителниот одбор од 16.11.1944 година во кое било наведено: “Се повикуваат сите граѓани на Гевгелија да ги донесат доброволно сите научни, просветни и други книги во културниот дом, со цел формирање на општонародна библиотека од којa ќе може да се служат сите кои сакаат.” 

Со масовна акција и голема помош од месното население биле собрани околу 3000 книги, по што била направена селекција и во февруари 1945 година библиотеката официјално ја започнува својата работа. 

 

Таа прво била сместена во приватна просторија на гевгеличанецот Мицо Чугунцалиев (денес зградата на градската аптека), а во 1945/1950 е преместена во сегашната зграда. 

Во периодот од 1955 до 1960 година се отвараат неколку селски библиотеки,  од кои во 1955 година се отворени во Негорци, Миравци, Прдејци и Смоквица, во 1957 година во Нов Дојран, а библиотеката во Стојаково е отворена подоцна, во 1971 година. 

Со прогласувањето на градската библиотека за Матична (1960 година) овие селски библиотеки стануваат нејзини клонови.

Прв библиотекар и раководител на библиотеката бил Димитар Ристов кој во библиотеката работи од основањето во 1945 година до своето пензионирање во 1957 година.

Библиотеката денес располага со богат голем книжен фонд од различни жанрови кои се распоредени во неколку оддели: детски оддел, оддел за возрасни, оддел за стручна литература, роднокраен оддел и оддел периодика.

Вкупно сите оддели располагаат со над 70000 библиотечни единици. Исто така Библиотеката е горд сопственик на еден од неколкуте оригинални примероци на книгата “Огледало” од македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ. Книгата е конзервирана пред неколку години во конзерваторскиот центар при НУУБ “Св.Климент Охридски”.

ЈОУ Библиотека “Гоце Делчев” последните неколку години се појавува како издавач на поголем број изданија, од кои еден дел е сопствено издаваштво. Главната цел на издавачката политика на Библиотеката е да се популаризираат роднокрајните автори, но исто така и авторите од другите градови преку проектите кои ги реализира Библиотеката.

Зачленување

Членарина за членови на возраст под 18 години

150 ден.
Годишна членарина
10,00 денари за амортизација (заемнина) за секоја позајмена книга
Бесплатно користење на посакуваната книга во читалната

Членарина за членови на возраст над 18 години

200 ден.
Годишна членарина
10,00 денари за амортизација (заемнина) за секоја позајмена книга
Бесплатно користење на посакуваната книга во читалната
×

Table of Contents