Мисија и визија
Мисија и визија
Мисија и визија
1-65

Мисија

Со јавна работа и дејствување да се продолжи традицијата со подржување на идентитетот на заедницата и индивидуалниот развој на поединецот, со преземање одговорност за информирање на поединците, овозможување библиотечна граѓа од различни медиуми, постојаност во целта за подобрување на квалитетот на слободното време. Препознавајќи и имплементирајќи некои од современите технолошки достигнувања се овозможува пристап на широк и разновиден спектар на знаење, мислења и идеи.

Визија

Со имплементација на современи технологии, библиотеката е ориентирана кон отвореност и излегување во пресрет кон потребите на граѓаните, афирмирајќи ја и промовирајќи ја локалната заедница и нејзините вредности. Како една од културните установи со историски најдолг континуитет и традиција, и во 21-от век библиотеката трага по нови, иновативни форми на програмски-засновано функционирање. Истовремено, одржувајќи допир со локалните чинители на културата, таа инспирира и поддржува иницијативи кои резултираат со новитети. Програмскиот пристап е составен од комплементарни видови активности насочени не само кон зајакнување на врската меѓу читателите и книжевноста, туку и кон роднокрајните автори од различни генерации, воедно инспирирајќи ги локалните творци да создаваат и полека да зачекорат кон своето место на литературната сцена.

2-7

Програмското дејствување е врзано и за иновативноста на пристапот кој подразбира: употреба на електронски технологии во сите области каде истите ќе го олеснат и направат поефикасен процесот на давање услуги во библиотечната дејност; ориентираност кон константно подобрување на пристапот во работата со корисниците; обезбедување нови наслови од домашни и странски автори; ориентираност кон подобрена соработка со други институции, установи и организации; активности и настани кои ја анимираат публиката која негува афинитети кон литературата и литературната уметност; инкорпорирање на комуникацијата преку социјалните мрежи во медиумската и јавно-информативната активност; инспирирање на младите за учество во културните практики. Земајќи ги предвид сите овие пунктови, библиотеката секогаш ќе инсистира на образование за цел живот и континуиран професионален развој, останувајќи центар на културно-образовните текови.

Во 1910 година

По иницијатива на учителите и учителките од град Гевгелија е формирано градско читалиште кое го носи името „Просвета“. Формирањето на читалиштето било резултат на општествено-економскиот раст на Гевгелија. Во периодот меѓу двете светски војни читалиштето работело со неколку прекини. За време на Втората светска војна читалиштето работело повремено и претставувало значајно место за ширење на напредните идеи. Со ослободувањето на градот започнуваат активностите за обновување на читалиштето. Со акција и помош од месното население собрани биле околу 3.000 книги, по што е направена селекција и во февруари 1945 година библиотеката официјално ја започнува својата работа. Библиотеката денес располага со богат голем книжен фонд од различни жанрови кои се распоредени во неколку оддели: оддел за литература за деца, оддел за возрасни, оддел за стручна литература, роднокраен оддел и оддел периодика. Вкупно сите оддели располагаат со над 60.000 библиотечни единици. Библиотеката е горд сопственик на еден од неколкуте оригинални примероци на книгата „Огледало“ од македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ. Книгата е конзервирана во конзерваторскиот центар при НУБ „Св. Климент Охридски“.

ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ се појавува и како издавач. Главната цел на издавачката политика на Библиотеката е не само да се популаризираат роднокрајните автори и авторите од другите градови, туку и да се доближат одредени литературни жанрови и области до читателите од градот и пошироко. Помеѓу изданијата се издвојуваат делата:

Особено значајно место во издаваштвото на Библиотеката заземаат повеќегодишните изданија на антологискиот избор „Метрички карван“, збирка поезија каде се застапени извадоци од творештвото на автори кои потекнуваат, живеат или се на друг начин поврзани со гевгелискиот крај, а каде покрај извадоци од нивното, вклучени се и извадоци од творештвото на автори од други градови и населени места.

Освен издаваштво, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ организира и други активности кои се поврзани со литературата, македонскиот јазик, уметноста. Во изминатите години Библиотеката е организатор на манифестацијата „Месец на книгата“, на која учество земаат учениците од општинските основни училишта и средното училиште во општина Гевгелија. Манифестацијата има неколку дела: конкурс за есеј (за учениците од средното училиште), конкурс за расказ (за учениците од основните училишта), конкурс за дизајн на корица од книга, натпревар во рецитирање, квиз-натпревар во знаење од литература за деца. Конкурсите и натпреварите се од награден карактер.

Секоја година во просториите на Библиотеката се одржува натпреварот „Млади библиотекари“, организатор е Библиотеката, се натпреваруваат ученици од основните училишта од општината, а победникот на натпреварот е претставник на општина Гевгелија на државниот натпревар „Млади библиотекари“ кој секоја година се одржува во различен град.

Библиотеката e организатор и на повеќе видови активности, вклучувајќи: книжевни промоции, одбележувања на патрониот празник, одбележувања на јубилеи и годишнини, средби, предавања, литературни читања, Саеми и карвани на книгата, работилници, трибини, литературни конкурси итн.

×

Table of Contents