Јово Камберски е роден на 11 јануари 1923 година во Гевгелија.Гимназија завршил во Скопје. Работи како новинар во Радио Скопје. По две години преминува во тогаш новоформираното претпријатие за производство на филмови „Вардар филм“, каде по извесен период е именуван за генерален директор. Во периодот на неговиот директорски мандат во „Вардар филм”, оваа продуцентска куќа минуваше низ најбогатата творечка фаза од своето формирање. Филмот станува негова животна определба и професионална преокупација. Започнува како редактор на филмските месечници и пишувач на текстови, продолжува како сценарист и режисер на документарени филмови. Во 1953 година неговиот документарец “Свилен конец” е прв македонски филм прикажан на меѓународниот филмски фестивал во Берлин. Музиката е во изведба на Словенечката филхармонија. “Свилен Конец” е краток документарен филм во кој е опишан процесот на производство на свилениот конец во Богданци и свиларата во Гевгелија. Филмот зборува за процесот на создавање на свилениот конец, од формирањето на гасениците на свилените буби, преку кожурците, па се до индустриското производство во текстилната индустрија. Починал во Скопје на 25 април 1995 година.
Покрај квалитетите на раководител и организатор во филмската дејност, Камберски пројавува многу богата литературна активност. Член e на ДПМ од 1979 година. Ги напишал забележливите филмски раскази: „Виденија 1“ и „Виденија 2“, романите: „Пресуда“, „Пресметка“, „Празник“ и „Колона“. Добитник е на повеќе значајни филмски и општествени награди и признанија.