Васил Тоциновски (р. 22 август 1946) е македонски писател, есеист, критичар, книжевен историчар и преведувач. Тој е еден од најплодните современи македонски автори, со творештво кое инкорпорира над 120 книги, вклучувајќи: 26 книги белетристика, 41 наслов од областа на книжевната историја, критика и есеистика, 70 редакции и избори од македонското книжевно и публицистичко наследство.  

Коавтор е и на 22 енциклопедии, учебници, прирачници и зборници, а во земјата и во странство објавил 365 книжевно-историски студии и 606 есеи и критики.

Работниот век го поминал во Телевизија Скопје како новинар и водител на телевизискиот дневник, како главен и одговорен уредник на Втората програма и на Секторот за училишна, образовна и научна програма и исто толку години во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.  

Бил в.д. директор на македонскиот Институт за фолклор (1989-1992) и секретар на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

Шест академски години го водел Лекторатот за македонски јазик и култура при Филозофскиот факултет на Универзитетот во Риека, Хрватска, каде бил професор на 1244 студенти по македонистика и ментор на голем број трудови посветени на македонската литература, јазик и култура. 

Бил главен и одговорен уредник на најдолговечното и угледно книжевно списание „Современост“. 

Пред македонската и светската јавност е познат повеќе како научен работник, истражувач на македонската литературна историја. Се занимава со македонскиот XIX век и периодот меѓу двете светски војни. Особен придонес има во откривањето на непознати страници од историјата на Македонскиот литературен кружок во Софија. Во тој правец има големи заслуги во откривањето на животната судбина и книжевното дело на дводомните писатели од македонско потекло, т.е. Македонците кои живееле и твореле во туѓа јазична средина, како како Атанас Раздолов, Богдан Сираков итн